Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца, ако сакаме да имаме држава. Овие деца заслужуваат правда. Ова пред почетокот на денешното второ рочиште од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани го кажа Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, кој загина во трагедијата.

Во црна маица со ликот на нејзиниот трагично загинат син, таа пред новинарите кажа дека по првото рочиште, минатата недела, и се родила искра надеж дека правдата е можна, а тоа, како што додаде, доаѓа од судијката и воведниот говор на Обвинителството.

„Повеќе од осум месеци ние родителите на починатите деца живееме во агонија. Кај мене кога заврши првото рочиште се појави една искра на надеж, а причината е воведниот говор на судијката. Ние родителите на починатите деца бараме само правда. Од тој кобен 16 март, и на почетните маршеви и денес велам дека никој од нас не растел дете за да стане херој, туку за да стане човек. За жал, нашите деца ја платија цената на овој корумпиран систем“, рече Златкова, пренесе 360 степени.

Таа кажа дека ниту едно семејство што изгуби дете не е дел од тој корумпиран систем, но ја плаќаат цената за трагедијата. Се осврна и на адвокатите на обвинетите. Рече оти и е јасно дека по закон тие треба да имаат бранители, но она што е чудно, како што кажа, е тоа што голем дел од адвокатите се од Кочани.

Златкова во тој контекст рече дека барајќи правда, учат оти во нивниот град живеат многу корумпирани луѓе.

„Дали немате малку совест и чувство на емпатија кога ќе нè погледнете нас, семејствата на убиените деца, колку тагуваме по нив или немате чувство на емпатија дека убија ваши сограѓани“, кажа мајката. 

За нејзиниот трагично загинат син, Томас Златков, кажа дека бил трета година на факултет, отсек Квалитет и безбедност на храна, и сакал да биде инспектор.

„Да не го убиеја, сигурна сум дека ќе беше инспектор и ќе работеше совесно, а не како овие инспектори кои сега се на обвинителна клупа. Тагуваме ние родителите и неговиот брат затоа што насилно и на другите им ги одземаа животите“, вели таа.

Затоа, додаде, родителите на убиените деца бараат правдата да има имиња и презимиња и сите кои несовесно постапувале да одговараат по закон.

Таа праша: „Кој му дозволи на монструмот да го задуши, да го убие моето дете и сите останати деца? Кој му помогна во тоа злосторство, син му, брат му, обезбедувањето, полицајците, градоначалниците, инспекторите од сите институции, министрите. Извинете, ама не ве набројав сите, премногу сте. Ова не е убиство, ова е геноцид“.

Златкова рече дека со нетрпение го очекуваат обвинителниот акт за осомничените полициски службеници во врска со „Пулс“, за кои истрагата ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

„Мора да има правда за нашите убиени деца. Никогаш не треба да ги заборавиме овие деца ако сакаме да имаме држава. Овие деца заслужуваат правда“, вели мајката.

Дел од одбраната реагира дека го немаат добиено изменетото обвинение, а од нив се очекува да дадат воведни зборови

Судот даде половина час пауза на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени, откако одбраната на дел од обвинетите, пред почетокот на денешното рочиште, реагираше до Судот дека го немаат добиено изменетото обвинение, а од нив се очекува да дадат воведни зборови.

Според одбраната, се очекува да се дададат воведни зборови и обвинетите да се произнесат за вина на текст од Обвинените што воопшто не го добиле обвинетите, поради што бараат судот да одлучи по ова прашање пред да се продолжи.

– Ниту еден од обвинетите, односно најголемиот дел вооопшто го немаат добиено интегрираниот текст на обвинението, а ќе се очекува да се дадат воведни зборови. Затоа предлагам судот да го расчисти ова прашање, па потоа да одлучиме во зависност од одлуката на Судот како ќе продолжиме, изјави еден од адвокатите од одбраната.

Одбраната на дел од обвинетите, пред почетокот на денешното рочиште, реагираше до Судот и дека доказна документација е целосно несредена и хаотична и бараа да им бидат доставени сите докази.

Судијката Диана Груевска Илиевска рече дека Судот смета дека нормално соработката меѓу обвинетите и бранителите сите го имаат добиени, посочувајќи дека на минатото рочиште Судот побарал електронски адреси на сите кои сакаат да им биде пратено.

-Ние сметаме дека преку бранителите сите треба да го имаат меѓутоа ако немаат ќе се потрудме преку судот да име се достави, рече судијката.

Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на изминатото рочиште обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.

Утрешното судење се отповикува, продолжува на 2 декември

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, продолжува на 2 декември. На денешното рочиште присутните законски застапници на општетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и оштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.

Судијката Диана Груевска Илиевска информираше дека утрешното рочиште се отповикува, а на следното рочиште треба да бидат повикани и останатите законски застапници на оштетените за да може и тие да се произнесат.

-Со оглед да сите денес присутни полномошници на оштетените и на законските застапници на оштетените во името на истите дадоа изјава по однос на оштетното побарување, кривичниот прогон и начинот на остварување на штетното побарување Судот во овој момент ќе ја прекине постапката, но воедно и ја отповикува наредбата за главна расправа за 26 ноември, со оглед да е потребно да се повикаат и останатите оштетени и законски застапници на оштетените, а за дел од истите од страна на Обвинителството не се доставени точни адреси за судот да може да ги повика и обезбеди нивно присуство за утрешниот ден, а и од причини што интегрираниот текст на обвинението и доказите во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се достави и за дел од одбраната за истите да имаат време до следната закажана главна расправа да може да се запознаат со истите, изјави судијката Груевска Илиевска.

Пред почетокот на денешното рочиште, дел од одбраната реагираше дека го немаат добиено изменетото обвинение, а од нив се очекува да дадат воведни зборови, по што Судот даде пауза од половина час за да одлучи како ќе се продолжи.

Судијката информораше дека Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, и дека Судот во текот на денешниот и утрешниот ден до сите обвинети ќе изврши достава.

-Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, а со оглед да бранителите не прифаќаат доставата да се изврши преку нив, Судот во текот на денешниот и утрешниот ден до сите обвинети ќе изврши достава, изјави судијката.

Во однос на временската рамка и приговорите кои ги истакнаа дел од бранителите, Судот посочи дека, истите ќе можат да ги истакнат и во воведни зборови, по што ќе бидат ценети од Судот.

-Советот смета дека не станува збор за ново обвинение бидејќи во конкретниот случај во интегрираното обвинение не се воведени нови дејствија, обвинети, место на извршување, оштетени и дека не е сменета фактичката состојба, ниту е дадена нова правна квалификација, изјави судијката.

За да нема проблем на одолговлекување на постапката, Судот донесе одлука денеска главната расправа да продолжи со изјаснување по однос на оштетени побарувања и на кривичен прогон на денеска присутните оштетени и законските застапници на оштетените.

Одбраната на дел од обвинетите, пред почетокот на денешното рочиште, реагираше до Судот и дека доказната документација е целосно несредена и хаотична и бараа да им бидат доставени сите докази.

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата се присутни и роднини на настраданите во несреќата, претставници на обвинителството и на одбраната, домашни и странски новинари.

Трагедијата од 16 март 2025 година, според Обвинителството, е резултат на систематска негрижа и игнорирање на безбедносните закани: дискотеката функционирала без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали и само еден излез за евакуација, додека во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и деца по полноќ, без проверки за опасни средства. Настапот на групата ДНК бил претходно договорен со употреба на пиротехника, а вградените материјали – особено сунѓерот на плафонот – при согорување ослободиле смртоносни гасови, што во услови на недоволни излези довело до загуба на млади животи и катастрофални последици.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 37 обвинети од кои 34 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Обвинети се Дејан Јованов, Митко Стојанов, Михаил Јованов, Гроздан Милковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Мартин Горгиев, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џеват Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сараќини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шовкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кузмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани, РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС, ВЕНЦИ ПРОЕКТ ДООЕЛ Кочани.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.