Украина се бори за нејзината безбедност, слобода и независност и Европа ќе биде покрај неа и ќе ја поддржува на секој чекор од патот кон праведен и траен мир, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на дебата во Европарламентот посветена на ставот на ЕУ за предложениот мировен план за Украина и за ангажманот на Унијата за постигнување праведен и траен мир.
– Руската стратегија не се промени. Од самиот почеток, Русија верува дека може да ги совлада Украина, Европа и сите нејзини сојузници и затоа секогаш кога има сериозен напредок во преговорите што можат да донесат вистински мир, насилството ескалира, рече Фон дер Лајен, нагласувајќи дека Европа мора да продолжи со притисокот врз Русија сè додека не се постигне праведен и траен мир.
Според неа, Русија со секој мировен договор сака трајно прекројување на границите, додека за Украина и за Европа целта е создавање услови за праведен и траен мир, што ќе го запие сегашниот конфликт и нема да „сее семе“ за нови идни конфликти.
– Станува збор за обезбедување силна и одржлива безбедносна архитектура за нашиот континент, поткрепена од силна Европа, силно НАТО и силно трансатлантско партнерство. Тоа е она што ќе го браниме заедно со Украина и нашите сојузници на секој чекор, истакна Фон дер Лајен.
Затоа, според неа, ЕУ ги поддржува сите напори, особено оние на американскиот претседател Доналд Трамп, за доаѓање до мир што ќе го запре убивањето, ќе избегне поставување опасен преседан, ќе ја гарантира безбедноста на Украина и нејзините суверени права на долг рок и што ќе обезбеди робустна безбедносна архитектура за Европа.
Фон дер Лајен потенцира дека прв приоритет на мировниот договор треба да биде постигнување праведен и траен мир и осигурување вистинска безбедност за Украина и за Европа, за што се потребни робусни, долгорочни и веродостојни безбедносни гаранции како дел од поширок пакет за одвраќање од какви било идни руски напади.
– Втор приоритет е почитување на суверенитетот на Украина. Треба да бидеме јасни дека не може да има еднострана поделба на суверена европска нација и дека границите не можат да се менуваат со сила. Ако денес го легитимираме и формализираме поткопувањето на границите, ги отвораме вратите за повеќе војни утре, рече Фон дер Лајен.
Дополнително, според неа, почитувањето на суверенитетот, значи можност да се избере сопствената иднина, а Украина избра европска судбина и нејзината иднина е во Европската Унија.
Како трет приоритет, Фон дер Лајен го нагласи задоволувањето на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, за што најдобра опција, со цел да се избегне европските даночни обврзници сами да го сносат трошокот, е да се искористат замрзнатите руски средства, согласно утврдените правила и почитување на европското и меѓународното право.
– Четвртиот приоритет е дека каков и да е дизајнот на идниот мировен договор …, нема ништо за Украина без Украина, ништо за Европа без Европа, ништо за НАТО без НАТО, рече Фон дер Лајен.
Како последен приоритет таа го нагласи „враќањето на секое украинско дете киднапирано од Русија“, потенцирајќи дека Европа никогаш нема да се откаже од напорите за нивно враќање дома.
– Претстојните денови се полни со опасност, пред сè за народот на Украина, кој продолжува да се соочува со секојдневни напади. Да, ситуацијата е сложена. Да, ситуацијата е нестабилна. Да, ситуацијата е опасна. Но, верувам дека постои и можност за вистински напредок. Досега не видовме знаци од Русија за вистинска подготвеност да се стави крај на овој конфликт. Затоа мора да продолжиме со притисокот. Наша должност е да се вклучиме во сите напори што можат да донесат праведен и траен мир. Знаеме дека нема да биде лесно, но мора да најдеме начин да продолжиме напред. Да обезбедиме трајна безбедност за Украина и за нашиот континент во целина и пред сè, да создадеме подобра иднина, европска иднина, за Украина, истакна Фон дер Лајен.
Данската министерка за европски прашања Мари Бјере, говорејќи во име на Советот на ЕУ како актуелен негов претседавач, истакна дека никој не сака мир повеќе од Украинците, но истовремено Русија продолжува со своите воени напади во Украина и хибридни активности против земјите членки на Унијата.
– Ги поддржуваме напорите на Украина да се одбрани и да бара мир и ги поздравуваме сите дипломатски напори насочени кон постигнување праведен и траен мир и безбедност. Се надеваме дека неодамнешните напори на САД ќе доведат до позитивни резултати и сме задоволни од напредокот постигнат на состанокот во Женева, рече Бјере.
Таа истакна дека Советот на ЕУ е јасен во својата единствена и цврста поддршка на Украина и на нејзиниот суверенитет и право да одлучува за својата иднина,
– Мирот мора да биде сеопфатен, праведен и траен. Не може да има преговори за Украина без Украина и не може да има преговори што влијаат врз европската безбедност без вклучување на Европа. Безбедноста на Украина и на Европа се поврзани, нагласи Бјере.
Според неа, каков било мировен договор мора да содржи робусни и цврсти безбедносни гаранции за Украина и да ги почитува украинската независност, суверенитет и интегритет, а за да се постигне тоа, земјата мора да биде во најсилна можна позиција со сопствените моќни воени и одбранбени капацитети, па затоа неприфатливи се какви било ограничувања за нејзините вооружени сили.
– Во ова клучно време мора да бидеме единствени, да го следиме курсот и да продолжиме со нашата широка и непоколеблива поддршка за Украина. Едно е јасно, само притисокот врз Русија и поддршката за Украина ќе им овозможат на Украинците да ги осигурат својата безбедност и слобода, заклучи Бјере.
Фото: Архива




