Два дена вонредна состојба во скопското основно училиште „Димо Хаџи Димов“, каде што голем број деца, речиси од сите одделенија, покажале симптоми на труење. Дел од нив се во посериозна состојба и се хоспитализирани, а дел се пуштени на домашно лекување.

Според неофицијални информации, околу 80 деца покажале симптоми, но директорката на училиштето Лела Николоска, ја смирува ситуацијата и вели дека засега нема информации од што се случило масовното труење на учениците, дали е од храна, од водата или некој вирус.

„Во прва смена, од 420 деца, денеска отсуствуваат 32, но тоа не значи дека сите се сите поради иста причина. А, исто така, дел од отсутните деца не се болни, туку нивните родители решиле да не ги пуштат на училиште бидејќи се плашат да не се разболат“, кажа Николоска.

Од ЈП „Водовод“ и санитарно здравје денеска земаа примероци од училиштето и се чекаат резултати. АХВ, Институтот за јавно
здравје и Центарот за јавно здравје, спроведоа вонреден
инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“.

Наставата во училиштето официјално не е прекината, но, родителите, на нивна одговорност, превентивно, ги земаат децата од училиште, или воопшто не ги пуштаат.