Непознати лица украле 20.000 куршуми воена муниција што им припаѓала на германските вооружени сили (Бундесвер) од камион на цивилна транспортна компанија што била оставена преку ноќ на необезбеден паркинг во покраината Саксонија-Анхалт.
Министерството за одбрана потврди за „Дер Шпигел“ дека возачот на цивилната транспортна компанија, која вооружените сили ја ангажирале за транспорт на муницијата, го паркирал камионот натоварен со муниција на германските вооружени сили на необезбеден паркинг во индустриска зона во близина на Бург, а потоа решил да спие во хотел додека товарот бил оставен без надзор.
Прелиминарните податоци од истрагата покажуваат дека непознати лица го отвориле товарниот простор на камионот во текот на ноќта и украле неколку кутии муниција што им припаѓала на вооружените сили, а кражбата била откриена дури кога возачот пристигнал следниот ден за да ја достави стоката во блиската касарна. Првичната проценка покажала дека биле украдени приближно 10.000 куршуми боева муниција за пиштоли, 9.900 куршуми маневарска муниција за автоматски пушки и таканаречени димни бомби.
„Кражбата ја сфаќаме многу сериозно, бидејќи таквата муниција не смее да падне во погрешни раце“, изјави портпарол на Министерството за одбрана.
Извори од Бундесверот, кој ја истражува кражбата заедно со локалната полиција, изјавија дека е малку веројатен случај на случаен грабеж и дека постои можност да бил забележан транспорт на муниција и дека сторителите ја украле муницијата од камионот кога возачот направил непланирано запирање во Бург.
фото: архива




