Белгиската полиција претпладнево приведе три лица во рамки на истрагата поврзана со наводна злоупотреба на средства на Европската Унија, меѓу кои и ректорката на Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, јавија бриселските медиуми повикувајќи се на полициски извори.
Приведените лица се осомничени за измами со јавни набавки, корупција и судир на интереси. Идентитетот на другите двајца приведени не е објавен, но се посочува дека станува збор за лица кои извршуваат „високи позиции во европската дипломатија“.
Приведувањата уследија откако утрово полициски припадници извршија претреси во седиштето на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во Брисел, во Колеџот на Европа во Бриж, како и во неколку приватни домови ширум Белгија.
При претресите спроведи во рамки на оваа истрага иницирана од Европското јавно обвинителство во врска со сомнежи за измами со европски средства користени за обука на дипломати, се запленети и повеќе документи.

Истрагата, во која е вклучена и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), е поврзана со „Дипломатската академија на Европската Унија“. Станува збор за деветмесечна програма за обука за помлади дипломати на ЕЕАС што врз основа на распишан тендер му е доделена на спроведување на Колеџот на Европа. Конкретната истрага се однесува за обуката во периодот 2021-22 година.
Целта на истрагата е да утврди дали Колеџот на Европа однапред бил информиран за критериумите во тендерската постапка, дури и пред официјалното објавување на тендерот од страна на Европската дипломатска служба.
– Постојат сериозни сомневања дека за време на тендерската постапка е прекршен член 169 од Финансиската регулатива на ЕУ за фер конкуренција и дека доверливи информации за тендерот биле споделени со еден од кандидатите, соопшти Европското јавно обвинителство.
Италијанката Могерини беше висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика од 2014 до 2019 година, а во 2020 беше именувана за ректорка на Колеџот на Европа.
Фото: Архива




