Мораме да се осигураме дека Украина ќе остане што е можно посилна во борбата денес, но и кога навистина ќе почнат мировните преговори, со цел тие да донесат резултат, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте при пристигнувањето на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата во Брисел.

– Мировните преговори се во тек. Тоа е добро, но во исто време, мора да се осигураме додека тие траат, а не сме сигурни кога ќе завршат, Украина да биде во најсилна можна позиција да ја продолжи борбата и да возврати на Русите, но исто така и во најсилна можна позиција кога мировните разговори навистина ќе стигнат до точка кога ќе седнат на преговарачка маса, рече Руте.

Тој одби да ги коментира резултатите од вчерашните разговори меѓу руските и американските претставници во Москва, нагласувајќи дека НАТО се координира со САД во однос на тоа што се случува, но дека нема да го коментира секој чекор од процесот.

– Навистина ми е мило што претседателот на САД го започна целиот мировен процес. Само САД под негово водство можеа да го сторат тоа, но не сакам да го коментирам секој чекор. Тоа што се случи синоќа секако беше важно, но ќе има уште чекори и нема да ме чуете да го коментирам секој меѓучекор, рече Руте.

Според него, важно е мировниот процес што е во тек да доведе до резултати, но ако тој потрае предолго или не донесе резултат, тогаш треба да продолжи притисокот врз Русија, преку силната поддршка за Украина и обезбедување ефикасност на економските санкции.

– Тоа е токму она што се случува. САД и Европа работат заедно за да се оствари максимално влијание врз руската економија преку санкциите. Тоа е најдобриот начин да се нарушат сметките на Путин, додаде Руте.

Тој изрази надеж дека поддршката за Украина до крајот на годината ќе достигне до пет милијарди, нагласувајќи дека „многу пари“ ќе бидат потребни и за целата наредна година, барем, како што рече, по една милијарда месечно, со цел да се осигура безбедноста на украинските цивили и цивилната инфраструктура.

Руте додаде дека состојбата во Украина ќе биде тема на заседанието на Советот НАТО-Украина, на кое ќе учествуваат и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Според Руте, на министерскиот состанок на НАТО ќе се разговара и за историскиот самит во Хаг и за спроведувањето на сите одлуки донесени на него, особено кога станува збор за зголемувањето на трошоците за одбраната.

– Треба да направиме многу повеќе за зголемување (на трошоците) до пет отсто на кредибилен начин и на одбранбеното индустриското производство. Се справуваме подобро, но сè уште има многу да се направи, потенцира Руте.

Фото: Архива