Камерите од системот „Сејф сити“ го регистрираа рекордерот во брзо возење. Податоците кои се добија за само три дена од пробното пуштање на системот, ја потврдуваат потребата од негово воведување, а со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Началничката на Секторот за сообраќајни работи во МВР, Маја Арсовска Манов и државниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Владимир Велковски во гостувањето на Телма телевизија посочија дека веќе во првиот ден е регистрирана најголемата брзина засега со „Безбеден град“.
-Утврдена е брзина од 231 км/ч на скопската обиколница на први декември, истакнаа тие.
За потсетување системот „Безбеден град“ во првиот тест период за 24 часа на 1 декември регистрирал 110 илјади прекршоци, додека според информациите од МВР на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
Најмногу 4 300 прекршоци за брзо возење се регистрирани на излез од Скопје кон Тетово, како и на булевар „Никола Карев “ – 3.000 прекршоци.




