Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја прошири забраната за влез во САД за граѓаните на други земји, вклучувајќи ги Сиријците и Палестинците кои поседуваат патни документи издадени од Палестинската самоуправа, јави ДПА.

Според наредба објавена од Белата куќа, општата забрана сега ги опфаќа и граѓаните на Буркина Фасо, Лаос, Мали, Нигер, Сиера Леоне и Јужен Судан. Мерката дозволува исклучоци од случај до случај.

Трамп го оправдува својот потег како неопходен за заштита на граѓаните на САД од заканите за националната и јавната безбедност, додава германската агенција.

Администрацијата на Трамп ги обвини посочените земји дека не ги исполнуваат соодветните стандарди во процедурите за проверка на пасошите, што, според неа, може да претставува потенцијален ризик за САД.

Во врска со Сирија, американската администрација соопшти дека сè уште нема централен орган за издавање пасоши или граѓански документи и дека недостасуваат соодветни механизми за проверка. Исто така, посочи на луѓе кои остануваат подолго од времетраењето на нивните визи.

Во наредбата на Белата куќа не се споменува неодамнешниот смртоносен напад во Сирија во кој загинаа двајца американски војници и еден американски преведувач, и остана нејасно дали инцидентот одиграл некаква улога во одлуката.

САД, исто така, изразија загриженост во врска со Палестинската самоуправа (ПА), велејќи дека таа врши недоволна контрола врз областите под нејзина надлежност. Според документот, организациите означени од Вашингтон како терористички групи остануваат активни на Западниот Брег и Појасот Газа и убиле американски граѓани.

Во наредбата се додава дека војната во Газа веројатно дополнително ја поткопа можноста за правилно верификување на пасошите. Со оглед на тоа што го опишаа како слаба или непостоечка контрола од страна на Палестинската самоуправа, САД наведоа дека носителите на патни документи издадени од Палестинската самоуправа во моментов не можат со сигурност да бидат проверени или одобрени за влез, пренесува ДПА.

Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп спроведува строга политика за имиграцијата и визите, заострувајќи низа постојни правила.

Претходно годинава, Вашингтон воведе целосни забрани за влез на неколку земји, од кои повеќето остануваат на сила.

Меѓу засегнатите земји се Авганистан, Мјанмар, Чад, Република Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен, потсетува ДПА.