СДС и ДУИ своето владеење го покажаа со раководењето на Државна Лотарија каде што Бајрами и Груби ја испокрадоа институцијата и избегаа. Додека едните крадеа, другите мижеа, и обратно. А некогаш и двете структури крадеа заедно. Таков е и случајот со Лотарија, каде што Бајрами и Груби ја приватизирале институцијата и правеле што сакале, а СДС за да не ја распадне коалицијата, молчеле, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, што го пренесуваме интегрално.
Во последниот извештај на ДЗР, утврдено е дека се исплаќале аванси за “мали добивки” на деловни соработници вредни 14 милиони денари, од кои, за 13 милиони денари документацијата била неуредна или невалидна.
Понатаму, ДЗР утврдил и спорна документација за 36 милиони денари готовински одливи и 7 милиони денари приливи. И за ова, во извештајот се вели дека има изјави дека за тие износи не се примени ниту вратени аванси.
Дополнително, ДЗР преку увид во трговските книги и анализи на податоци од централниот онлајн систем и платформата за интернет игри, утврдила дека се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во износ од 123 милиони денари.
Над 180 милиони денари или близу 3 милиони евра спорна, невалидна или неуредна документација оставиле Бајрами и Груби во Лотарија, а СДС молчеле и немо го одобрувале овој криминал за да не паднат од власт.
Затоа, СДС и ДУИ се минато на политичката сцена и потребни се реформи. Криминалците мора да одговараат.
Фото: Архива




