СДСМ очекува дека до моментот на гласањето за последната трета фаза од уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа ќе биде обезбедено двотретинското мнозинство што е потребно за финализирање на процесот.
Ова го изјави денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов пред почетокот на собраниската седница на чиј дневен ред е третата фаза од уставните измени. Додаде дека траат преговорите со БЕСА околу нивните барања во врска со уставните измени.
-Очекуваме нашите колеги и сите ние да се издигнеме над партиските интереси и конечно Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО, рече Костадинов.
Не посочи кога ќе се случи гласањето, нагласувајќи дека според деловничките можности пратениците имаат право на дискусија, најпрво да се отвори дискусијата, да се согледа колку пратеници ќе се пријават за дискусија, а потоа ќе дојде ред за гласањето.
На прашањето каде е најголемиот проблем во преговорите меѓу БЕСА и Заев и што е неприфатливо за СДСМ, Костадинов рече разговорите се во тек и оти се очекува да се постигне договор. Негов личен став е дека со уставниот закон е прецизирано македонско државјанство/граѓани на Република Северна Македонија и оттука, вели тој, не станува збор за етничка припадност и етничка определба на граѓаните.
-Во таа смисла, сметам дека нема потреба од уставни измени во таа насока, додаде Костадинов.
Тој, меѓу другото истакна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Јанко Бачев се докажуваат кој е поголем противник на македонската интеграција во НАТО и ЕУ.
-Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ и официјално се дел од маргинална група која сака да ја поткопа иднината на Македонија. Мицкоски работи против членството во НАТО и ЕУ, против врвните национални и државни интереси, рече Костадинов.
Мнозинството граѓани сака Македонија да оди напред да биде во ЕУ и во НАТО, посочи Костадинов, додавајќи оти антизападната агенда не поминува и тоа јасно се гледа преку слабата поддршка на протестите пред Собранието.
-Немаат поддршка ниту од оние пратеници кои останаа да бидат дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните и пратениците знаат. Македонија нема алтернатива освен членство во ЕУ и НАТО преку прифаќање на Договорот од Преспа, рече Костадинов.