Во денешниот сè поопасен свет Европската Унија треба да сфати дека повеќе не може да се потпира врз САД како лидер на слободниот свет, оцени претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер во интервју за „Политико“.

– ЕУ треба да се впушти во фундаментално редизајнирање во 2026 година ако сака да биде сфатена сериозно. Ни треба визионерски пристап, силна Европа. Мора да застанеме исправено без Америка, вели Вебер.

Тој најавува дека на средбата на лидерите на ЕПП кон крајот на јануари ќе побара идеи за нови реформи на Унијата за да се обезбеди „правилно слушање на целиот континент“, бидејќи „ЕУ не е Европа“.

– Ни треба дебата за работната структура, за архитектурата на Европската Унија. Ние не сме подготвени за сегашниот момент, смета Вебер.

Според него, во таа дебата за реформите можеби дури треба да се преиспита и Лисабонскиот договор за функционирање на ЕУ, вклучително и правилата за тоа како се носат одлуки во рамките на блокот.

Тој оцени дека по се она што се случи во односите меѓу ЕУ и САД во текот на изминатава година, од трговскиот спор, па се до односот кон Украина, како и по неодамнешните напади на Вашингтон врз Унијата, сите мора да ја препознаат 2025-та како година на „фундаментална историска промена“.

Кога станува збор за односите меѓу партиите во Европскиот парламент и зачестените тензии и недоразбирања меѓу ЕПП и останатите групи од т.н. „проевропско мнозинство на центарот“ – оние на социјалдемократите, либералите и зелените околу усвојувањето на некои законски предлози, Вебер вели дека е горд што ги исполнил целите на неговата партија, без разлика кој гласал за законите.

– Ставовите на ЕПП воопшто не се радикални, туку, напротив, тоа се предлози на здравиот разум, вели Вебер, додавајќи дека веќе ги повикал Прогресивната алијанса до социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) повеќе да работат на компромиси со ЕПП, наместо да заземат опозициски став.

Во однос на забелешките дека ЕПП се повеќе „свртува в десно“ и соработува со десничарските и екстремно десничарските партии во Европскиот парламент, Вебер истакнува дека европските избори од 2024 година донеле „поместувањето кон десно“ и тоа мора „да се отслика и во содржината“.

– Гласачите очекуваат такво поместување на политиката, заклучува Вебер во интервјуто. сп/сд/

Фото: Европски парламент