Ракетниот разурнувач на американската Воена морнарица, „Грејвли“, денеска вплови во Балтиското Море.
Како што јави МИА од Вашингтон, разурнувачот, кој е предводник на ескадрата на Првата постојана поморска група на НАТО, може да носи 56 крилести ракети „Томахавак“ и е засилен со систем за противракетна одбрана „Иџис“.
Военото присуство на САД и НАТО од почетокот на годината се зголемува во јужните и северните територијални води на Европа, како одговор на, како што се тврди, „агресивното однесување на Москва на море и во воздух“.
Руски сили во ноември во Керченскиот Теснец запленија три украински бродови и го задржаа целиот нивни екипаж. Морнарите се уште се во притвор во Русија. Руски ловци редовно надлетуваат или пресретнуваат бродови и авиони на НАТО и САД во близина на европските територијални води.
Во неделата во Црното Море вплови американскиот десентен брод „Форт Мекхенри“, додека во пристаништето на Одеса кон крајот на декември пристигна британскиот разузнавач „Еко“.
Британскиот министер за одбрана Кевин Вилијамсон нагласи дека со овој потег Лондон сака да изрази поддршка за Украина и да пренесе порака дека „Црното Море не е руско, туку меѓународно“.