Со голема чест, денеска ѝ посакавме многу успех на нашата полициска службеничка, Бранислава Стојчевски, началник на Секторот за меѓународна полициска соработка, која стапува на новата и највисока функција во рамки на Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ – директор на Директоратот за меѓународни операции, објави директорот на Биро за јавна безбедност Александар Јанев.

Со ова именување се потврдува високото ниво на професионалност, стручност и кредибилитет на македонската полиција, а истовремено, овој чин е и признание за континуираниот придонес на Република Македонија во унапредувањето на меѓународната полициска соработка.
Ангажманот во Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ ќе овозможи активно учество во креирањето и спроведувањето активности од заеднички интерес, унапредување на механизмите за размена на информации, како и поддршка на глобалните напори за спречување и сузбивање на транснационалниот криминал, вклучително и истрагите за бегалци од правдата и исчезнати лица, нотира Јанев.

Остануваме цврсто посветени на континуирано јакнење на институционалните и човечките капацитети, како стратешка определба за унапредување на безбедноста и владеењето на правото, на национално и меѓународно ниво, потенцира во објавата Јанев.