РАДИКАЛЕН ПРЕСВРТ: Нов закон за забрана за пушење во Македонија – нема цигари во ресторани, кафулиња, автомобили…

/ 09.01.2026

Македонија подготвува радикален пресврт во законот за забрана на пушење. Забраната ќе важи во сите затворени простори од јавен карактер, а увозот и продажбата на тутунски и никотински производи драстично ќе се ограничи. Цигарите целосно ќе се тргнат и од видното поле на купувачите во маркетите. Скроен е новиот закон за заштита од пушење кој ќе биде ставен на јавна расправа. Во сегашната верзија до која дојде Телма се предвидуваат ригорозни правила за сите затворени јавни институции.

„Забраната важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи, ресторани, барови, меани, кантини“, се дел од предложените измени на законот за пушење.

Пушењето, според одредбите на законот, ќе биде забрането дури и на терасите на кафеаните, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни, пишува во предлог законот.

Забрана ќе има и за пушење во автомобил, во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, на пазари и во редица други институции и на јавни простори.

Истата забрана со новиот предлог закон ќе важи и за сите типови на електронски цигари и вејп уреди, а дополнително се забранува користење ароматизирани цигари.

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, се наведува во предлог законот.

Исто така, цигарите, било обични, било електронски ќе се забранат за рекламирање и нема да смеат да бидат видливо изложени на рафтовите..

Ова се дел од новите, построги законски измени на Законот за пушење, а кои наскоро треба бидат објавени на платформата ЕНЕР и да отворат јавна дебата.

Во Министерството за здравство кои се креатори на овие измени велат дека тие се неопходни, а целта е да се спречи здравствена катастрофа.

„Со предлог-законот се предвидува воведување појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со фокус на превенција и заштита на децата и младите. Целта на подготвеното законско решение е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување на нови генерации зависници“, велат од министерството за здравство.

Неодамна, директорот на Фондот за здравство објави дека стапката на пушење кај возрасни е над 45%, што е далеку над просекот на Европа. Половината од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно. Статистката покажува и дека во државата годишно умираат околу 4.000 луѓе од болести поврзани со пушењето.


Од истата категорија