Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на својата социјална мрежа Truth Social објави слика – симулација на неговата страница на Википедија, на која е напишано дека тој е и вршител на должноста претседател на Венецуела.

На сликата што Трамп ја сподели на мрежата е напишано дека тој е 45-ти и 47-ми претседател на САД, но и вршител на должноста претседател на Венецуела – од јануари 2026 година.

Британскиот весник Индипендент проценува дека станува збор за шега на сметка на привремената претседателка на Венецуела, Делса Родригез, која ја презеде функцијата откако американските сили го нападнаа Каракас на 3 јануари и го заробија шефот на државата, Николас Мадуро, и неговата сопруга, Силија Флорес.

Мадуро беше однесен во Њујорк, каде што му се суди по обвиненија за наркотероризам. Мадуро се изјасни за невин на суд и инсистираше дека сè уште е законски лидер на Венецуела.

По кратката воена операција во Каракас, Трамп објави дека Вашингтон ќе „управува“ со Венецуела сè додека земјата не се стабилизира доволно за да одржи слободни и фер претседателски избори.

Американските власти потоа објавија дека вакуумот во власта во Венецуела привремено ќе биде пополнет од „мал комитет“ предводен од американскиот државен секретар Марко Рубио и дека Трамп ќе биде „силно вклучен“.

Вашингтон ја предупреди Делса Родригез дека треба да соработува со комитетот, а Трамп потоа рече дека се откажал од втор бран напади врз Венецуела затоа што привремената претседателка го правела она што се очекувало од неа.

Трамп разговараше за управувањето со природните ресурси на Венецуела со раководители од големите американски нафтени компании, но извршниот директор на ЕксонМобил, Дарен Вудс, му рече дека смета дека земјата „не е погодна за инвестиции“ во овој момент. Трамп вчера им рече на новинарите дека „веројатно нема да го вклучи Ексон“ затоа што „не му се допаднал нивниот одговор“.

Американскиот претседател вчера, преку неговаста мрежа ѝ се закани и на Куба, објавувајќи дека во иднина нема да може да смета на поддршката од Венецуела и дека Рубио би можел да биде назначен за следниот лидер на оваа комунистичка земја во Карипското Море.

„Куба живееше многу години од големи количества нафта и пари од Венецуела. Куба, пак, им обезбедуваше „безбедносни услуги“ на последните двајца венецуелски диктатори, но повеќе нема“, напиша Трамп.