Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека е поддржувач на концептот за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност во државата.

На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај и дека граѓаните треба да ги оценуваат политичките субјекти врз основа на реализираните ветувања.

„Одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник“, изјави Гаши.

Во однос на Пржинската влада, тој оцени дека Македонија, како стабилна држава и членка на НАТО, нема потреба од технички влади за организирање избори, бидејќи изборните процеси во изминатиот период поминуваат без сериозни забелешки.

Гаши информираше и дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, додавајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана веднаш штом ќе се постигне политички договор.

Тој соопшти дека Собранието очекува допис од министерот за правда, Игор Филков, за формирање работна група за Изборниот законик.

Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за формирање Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, Гаши ги демантираше тврдењата и изјави дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.