Еврокомесарот за одбрана и вселената, Андриус Кубилиус не предлага никакво создавање на „Европски воени сили“, туку само поканува на дискусија за размислување, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за одбрана Тома Рение.

– Еврокомесарот Кубилиус поканува на дискусија за размислување за тоа што Комисијата идентификуваше критични празнини во капацитетите во Европската Унија и во одбранбениот сектор, како и за тоа дали можеме да имаме поголема координација на ниво на ЕУ, рече Рение.

Ставот на Рение беше одговор на новинарско прашање за изјавата на Кубилиус дадена на обраќање на Безбедносна конференција во Шведска дека Европската Унија можеби ќе треба да создаде комбинирани воени сили од околу 100.000 војници, кои би да ги замениле американските трупи во Европа.

Според Кубилиус, во услови кога се соочува во руската агресија врз Украина и заканите на САД кон Гренланд, ЕУ мора да направи нова „голема експлозија“ („Биг Бенг“) за повторно обмислување на заедничката одбрана на Европа, која би се базирала на три столба – повеќе инвестиции во производствените одбранбени капацитети, подготвени и поорганизирани институции и постоење политичка волја за одвраќање и доколку е потребно и за борба.

– Треба да почнеме да ги инвестираме нашите пари на таков начин што ќе можеме да се бориме како Европа, а не како збир од 27 национални „бонсаи армии“, рече Кубилиус.