Со оглед на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд, Русија предупреди да не се занемаруваат нејзините интереси на Арктикот, пренесе ДПА повикувајќи се на извештајот на државната новинска агенција Тас.

– Сите обиди да се игнорираат интересите на Русија во поларниот регион, пред сè во областа на безбедноста, нема да останат без одговор и ќе имаат многу далекусежни последици, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Трамп често ги наведува руските и кинеските активности во близина на арктичкиот остров како оправдување за неговото барање за контрола врз Гренланд, велејќи дека нивното присуство го прави островот клучен за безбедносните потреби на САД.

Захарова ја критикуваше воената извидувачка мисија од страна на неколку европски членки на НАТО за подобра заштита на автономниот остров што ѝ припаѓа на Данска, нарекувајќи ја „следна провокација од западните земји кои исто така сакаат да го наметнат својот ред во овој регион на светот.

Таа рече дека европските држави треба да бидат свесни дека ова ја загрозува безбедноста на Русија како рамноправна арктичка приморска или крајбрежна држава.

Русија, со својата долга северна крајбрежна линија на Северниот Леден Океан, го смета Арктикот за своја сфера на интерес. Таа сè повеќе ги користи морските патишта во регионот и го проширува своето воено присуство.