Премиерот Еди Рама денеска го објави текстот на писмото што го добил вчера од претседателот на САД, Доналд Трамп, кој лично го поканил да ја претставува Албанија во Одборот за мир за Појасот Газа.
Заблагодарувајќи им се на Албанците за привилегијата на доверба што му ја дадоа на изборите, премиерот уверува дека „ќе направам сè што е потребно за да го возвишам името на Албанија и достоинството на Албанците“.
Одборот за мир е нова меѓународна организација замислена од претседателот Трамп, каде што Албанија е поканета како член-основач.
„Нашето достигнување обединува истакната група нации подготвени да ја преземат благородната одговорност за градење траен мир, чест, резервирана за оние кои се подготвени со пример и умешност да се посветат на безбедна и просперитетна иднина за идните генерации. Во блиска иднина, ќе ги собереме нашите прекрасни и посветени партнери, од кои многумина се високо почитувани светски лидери”, се вели, меѓу другото, во писмото на претседателот Трамп.
Тој во четвртокот објави формирање на „Одбор за мир“ за Појасот Газа.
-Во Одборот ќе бидат и поранешниот британски премиер Тони Блер, државниот секретар на САД Марко Рубио, специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф и зетот на Трамп Џаред Кушнер, поранешниот специјален пратеник на ОН Николај Младенов, милијардерот Марк Роуан, претседателот на Светската банка Аџај Банга и заменик-советникот за национална безбедност на САД Роберт Габриел, објави АТА.
Блумберг: Трамп бара милијарда долари за постојано членство во „Одборот за мир“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сака земјите да платат милијарда долари за да останат во неговиот Одбор за мир, објави „Блумберг њуз“, повикувајќи се на нацрт-повелбата за основање на телото, за која дел од американските медиуми тврдат дека е наменета како алтернатива на ОН.
Формирањето на Одборот за мир беше објавено оваа недела, неколку месеци по постигнувањето на кревко примирје во Газа, како тело што ќе ја надгледува демилитаризацијата и реконструкцијата на Газа, како и воспоставување преодна палестинска влада. Сепак, врз основа на нацрт-повелбата, американските медиуми сега пишуваат дека Трамп го замислувал одборот како институција со пошироки овластувања, еден вид алтернатива на ОН, организација која тој долго време ја критикува.
„Голема чест е да се објави дека е основан ОДБОР ЗА МИР. Неговите членови ќе бидат објавени наскоро, но можам со сигурност да кажам дека тоа е најдобриот и најпрестижниот одбор што некогаш е формиран некаде“, напиша Трамп во петокот на својата социјална мрежа Truth Social.
Блумберг пишува дека одборот е опишан во повелбата како „меѓународна организација чија цел е да промовира стабилност, да воспостави сигурно и законско управување и да обезбеди траен мир во областите погодени од или загрозени од конфликт“.
Атлантик пишува дека повеќе информации ќе бидат објавени на претстојниот Светски економски форум во Давос, што почнува в понеделник. Американскиот претседател објави дека одборот ќе го сочинуваат „најважните лидери на најважните нации“.
Блумберг пишува дека Трамп ќе биде негов инаугуративен претседател и ќе одлучи кој е член, а секоја држава ќе учествува во работата на тоа тело не подолго од три години од стапувањето во сила на повелбата, освен ако не плати милијарда долари.
Одлуките ќе се донесуваат со глас на мнозинството држави, но со потврда од претседателот на тоа тело, објавуваат американските медиуми.
Белата куќа изјави дека извештајот на Блумберг е погрешен и нагласи дека нема цена за приклучување кон одборот. „Тоа едноставно обезбедува трајно членство на партнерските нации кои покажуваат длабока посветеност на мирот, безбедноста и просперитетот“, објави Белата куќа на X.




