Пратениците на СДСМ поднесоа повеќе амандмани на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Во нив се земени предвид аргументите на експертите и невладините организации изнесени на јавната расправа како и заложбите на СДСМ за прецизни законски решенија кои ќе обезбедат услови за борба притив криминалот и корупцијата. СДСМ бара менување на членот 353 Злоупотреба на службената положба и овластување и враќање на решението пред измените на Кривичниот законик од 2023 година, се вели во соопштението од СДСМ што МИА го пренесува интегрално.

Сегашните измени кај челнот 353 ја намалуваат одговорноста кај најважното – тендерите.

Ова мора да се промени.

Тендерската коалиција ВМРО-ЗНАМ е позната по начинот на којшто ги дели тендерите на свои фирми и без оваа промена нема никаква борба против криминалот и корупцијата.

СДСМ бара и целосно бришење на рокот од 5 години. Имотот стекнат со криминал мора да се конфискува без разлика кога е украден. Правдата и украдените пари на граѓаните не смеат да имаат рок на траење!

Дигиталните податоци и снимки од системот „Safe City“ мора да се бришат во рок од 48 часа! Пристап до нив може да има само и исклучиво со судски налог. Не може да се дозволи МВР да го злоупотребува, да бидат партиски инструмент за следење и уцена на граѓаните.

Бараме драстично зголемување на казнената политика за секој кој се организира во група за вршење тешки кривични дела. Мора да има јасно разграничување и максимални казни за мафијашките структури.

Бараме зајакнување на кривично-правната заштита на децата од најтешките форми на експлоатација. Тука нема место за компромис или благи казни.

Покрај овие клучни столбови, СДСМ со амандмани бара и проширување на условите за конфискација: за имотот да не може да се сокрие зад туѓи имиња и параван-фирми.

Додека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го подготвуваат теренот за легален грабеж на парите на граѓаните, СДСМ поднесе амандмани кои значат само едно – одговорност и казна.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Фото: МИА архива