Европскиот парламент денеска ќе одржи специјална пленарна седница во Брисел по повод Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот – 27 јануари.
Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од холокаустот се одбележува на денот на ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц – 27 јануари 1945 година.
Седницата ќе започне со воведен говор на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, а пред европратениците ќе се обрати преживеаната жртва на Холокаустот, Татјана Бучи.
Предвидено е одбележувањето да заврши со минута молк во чест на жртвите на Холокаустот.
Инаку, Татјана Бучи е родена во 1937 година во Риека, која тогаш била дел од фашистичка Италија. Во 1944 година, неа и нејзиното семејство, нацистите ги затвориле во транзитниот концентрационен логор Ризиера ди Сан Саба кај Трст.
Татјана имала само шест години кога со нејзината четиригодишна сестра Андра, мајка, тетка, баба и братучетка, биле депортирани во Аушвиц на 4 април 1944 година. Татјана и Андра поминале 10 месеци во Аушвиц, а нивната мајка Мира била префрлена во Германија за да работи како роб во фабрика за муниција. Инаку, нивниот татко Џовани во тоа време бил италијански воен заробеник во Јужна Африка.
По ослободувањето сестрите биле испратени во сиропиталиште во јужна Англија, за во декември 1946 година конечно да бидат повторно обединети со своите родители во Италија.
Татјана и Андра Бучи се меѓу најмладите деца што го преживеале Аушвиц. Тие првпат се вратиле во Аушвиц во 1996 година.
Татјана денес со своето семејство живее во Белгија.




