Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостувањето на телевизија „Алфа“, во емисијата „За или против“, истакна дека Владата направила значаен чекор со тоа што онлајн-медиумите и интернет-порталите се препознаени во Законот за медиумите.

– Мислам дека направивме многу добар чекор што во Законот за медиумите ги внесовме онлајн-медиумите и интернет-порталите на барање на здруженијата на порталите. Со една брза измена на Законот за медиумите успеавме да ги препознаеме како медиуми и повежето од нив, можам да кажам – најлегитимните, веќе се регистрирани во регистарот на АВМУ – посочи Андоновски.

Според него, тоа е од големо значење бидејќи порталите и новинарите сега полесно ќе може да ја бараат својата заштита имајќи предвид колкав легитимитет и читаност имаат во општеството.

Министерот најави дека првпат ќе се донесе стратегија за развој на медиумите во Македонија.

Во контекст на актуелните состојби, Андоновски предупреди дека е недозволиво политичка партија да спроведува кампања против медиум.

– Недозволиво е да се спроведува кампања против медиум од страна на политичка партија, ова е многу штетно и една од работите што ќе се случат поради ова е да добиеме полоша оценка за медиумите во извештајот на Европската Унија и во извештајот на „Репортери без граници“, но не поради Владата, туку затоа што политичарите вршат притисок врз медиумите – нагласи министерот изразувајќи загриженост дека ваквиот пристап може да има негативни последици.

Тој упати апел медиумите да останат единствени и професионални.

– Медиумите да останат сплотени, професионални и да продолжат да го прават тоа што го прават досега и понатаму. Ме радува што се покажа единственост од сите синдикати и здруженија – така треба да се постапува секогаш кога кој и да било ќе се осуди да се закани и да критикува определен медиум, само затоа што не се согласува со неговите ставови – истакна Андоновски.