Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најавува тужба против сопственикот на приватната клиника „Жан Митрев“ доколку се утврди дека не се точни наводите оти заедно со поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, правеле рекет со цел да добијат дел од сопственичкиот удел во клиниката.
– Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Зошто тој не поднесува тужба, туку Обвинителството по допрен глас. Но, како и да е, нека ја завршат анализата, а потоа откако ќе се утврди дека јас немам никаква вина, ќе поднесам приватна тужба за нарушување на честа и угледот затоа што нема да дозволам со вакви бандитски работи, мене да ми се нарушува честа и угледот, изјави денеска Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата.
Познатиот кардиолог и сопственик на клиниката Жан Митрев во телевизиско гостување посочи дека за време на корона кризата му бил вршен притисок од странана тогашниот премиер и министер за здравство со цел да добијат дел од сопственичкиот удел.
Фото: архива




