Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, во емисијата ,,За или против“ на телевизија Алфа се осврна на идејата за обновување, а воедно и модернизација на жичницата до Водно. Тој истакна дека наместо претходно планираната траса од црквата Свети Јован кон Средно Водно, се предлага поврзување од болницата Козле до Средно Водно, бидејќи како што вели, оваа локација нуди поширок простор каде што може да се обезбеди монтажен паркинг, што би им овозможило на граѓаните безбедно да ги остават своите возила и да продолжат понатаму.
,,Доколку сакате вие да го паркирате возилото и да бидете сигурни дека има паркинг, за разлика од претходната локација“, вели Томовски.
Тој најави дека во текот на утрешниот ден ќе се одржи состанок со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на кој ќе се разговара за двете теми, трасата и начинот на финансирање на проектот.
,,Во текот на утрешниот ден имаме состанок на двете теми, со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски , ќе ги разговараме двете теми, повторно ќе бараме начин на финансирање и средства од каде можат да се обезбедат тие средства“, додаде Томовски.




