Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговиот руски колега, Владимир Путин, се согласил со неговото барање да не ги напаѓа Киев и другите украински градови и места една недела.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги таргетира Киев и другите градови и места една недела“, рече Трамп на брифинг за медиумите, нагласувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниски температури. „И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу убаво.“
Американскиот претседател не разјасни кога или на кој начин му го упатил тоа барање на Путин, како и од кој датум треба да стапи во сила наводното примирје. Коментарите на Трамп следеа по шпекулациите дека Киев и Москва се согласиле на пауза во меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура, иако ниту една страна не ги потврди тие тврдења ниту ја коментираше изјавата на Трамп.
Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили објавија дека московските сили лансирале повеќе од 100 беспилотни летала во Украина преку ноќ, при што се регистрирани 18 погодоци во различни области.
Русија: Прекинот на огнот што го бара Зеленски е неприфатлив
Да потсетиме дека претходно денеска, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија го смета прекинот на огнот што го бара украинскиот претседател Володимир Зеленски за неприфатлив.
Порано, имаше непотврдени извештаи дека и руските и украинските сили добиле наредба привремено да ги запрат нападите врз енергетската инфраструктура. Информациите се проширија преку воени блогови и канали на Телеграм, без официјална потврда од Москва или Киев, а беа објавени од Kyiv Post.
Според про-Кремљ блогерот Владимир Романов, на руските сили наводно им е забрането да напаѓаат инфраструктурни објекти низ цела Украина, вклучувајќи го Киев и околината, како и трафостаници, термоцентрали, хидроелектрани и складишта за гас, нафта и гориво.
Според тие изјави, забраната требало да трае до 3 февруари. Во исто време, украинскиот канал Супернова+ објави дека слична усна инструкција наводно стигнала до украинските војници, со повик да не се напаѓа руската енергетска инфраструктура.
Овие извештаи потоа беа поврзани со трилатералните преговори одржани на 23 и 24 јануари во Абу Даби, во кои учествуваа и САД.
Financial Times напиша дека се зборува за можно запирање на руските напади врз украинските енергетски објекти во замена за тоа Киев да се воздржи од напади врз руските нафтени објекти и танкери. Сепак, некои украински канали предупредија дека нема конечен договор и дека секое прекинување би било краткотрајно.




