Германија е првиот финалист на Европското првенство во ракомет, откако вечерва ја совлада Хрватска со 31-28.

Првото полуфинале од завршницата во Хернинг донесе резултатски израмнето прво полувреме во кое Германците во самиот финиш дојдоа до предност од два гола (17-15).

На стартот од второто полувреме, германскиот напад и одбраната функционираа беспрекорно, постепено разликата се зголемуваше за да достигне највисоки плус седум голови (26-19).

Хрватска се обиде да се врати резултатски во игра, но откако на десет минути пред крајот ја намали негативата на минус четири (22-26) пропушти неколку напади уште повеќе да му се приближи на противникот.

Во завршната минута, Германија влезе со водство од 30-28, а кога Ушчик зголеми на 31-28, веќе немаше време Хрватска да се надева да го избегна поразот.

Противник на Германија во финалето ќе биде победникот од второто полуфинале во кое вечерва домаќинот Данска ќе игра против Исланд.

Претходно денеска во натпреварот за петтото место, Португалија ја совлада Шведска со 36-35.