Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи од денеска престојува во официјална посета на Вашингтон, каде што ќе реализира интензивна агенда на средби со високи претставници на американските институции, наведува ДУИ во соопштение кое МИА го пренесува интегрално.

За време на престојот Османи ќе одржи говор на Капитол Хил во рамките на Меѓупарламентарниот форум за безбедност и одбрана, а исто така ќе оствари средби со американски конгресмени и сенатори, универзитетски професори и меѓународно реномирани активисти и аналитичари, познавачи на Балканот, при што ќе се дискутира за прашања поврзани со стратешкото партнерство, регионалната безбедност и трансатлантската соработка.

Тој, исто така, ќе учествува на официјалните активности во рамките на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast), една од најзначајните дипломатски манифестации во Соединетите Американски Држави, која собира политички лидери од целиот свет.

Оваа посета ја потврдува важната улога на Демократската унија за интеграција во градењето и одржувањето на блиските односи со Соединетите Американски Држави, како и континуираниот ангажман на партијата за унапредување на стабилноста, безбедноста и евроатлантската перспектива на државата.

Демократска унија за интеграција