Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро, денеска го повика Иран да престане да биде закана за своето регионално опкружување и за француските безбедносни интереси, и оцени дека Техеран треба да се одлучи за „значителни отстапки“.

– Иран мора да се согласи на големи отстапки во дипломатските преговори за да избегне американски напади на своја територија, изјави Баро во интервју за парискиот дневник „Либерасион“.

Тој рече дека иранскиот народ мора да ја врати својата слобода и го повика иранскиот режим да стави крај на угнетувањето, да ги ослободи затворениците, да ги запре погубувањата и да ги обнови интернет услугите.

Баро, исто така, го повика официјален Техеран да дозволи враќање на двајцата француски заложници, Сесил Колер и Жак Пари, кои се во заробеништво од мај 2022 година. Француските државјани Сесил Колер и Жак Пари, кои беа затворени во Иран во мај 2022 година, а потоа и осудени на 20, односно 17 години затвор поради шпионажа во корист на Израел, беа пуштени на почетокот на ноември 2025 година, но со забрана да ја напуштат територијата на Иран.

– Тие се безбедни, во француската амбасада во Техеран, напомена Баро.

Иранските власти изразија подготвеност двајцата Французи да ги разменат за Иранецот Махдијех Есфандијари, против кого француското обвинителство побара една година затвор поради повикување на тероризам.