Албанскиот премиер Еди Рама, кој престојува во посета на Ватикан, денеска беше примен од папата Лав XIV.

Веднаш потоа во Државниот секретаријат на Светата столица имал средба со кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан и монсињор Пол Ричард Галагер.

„Во срдечните разговори, беа истакнати постоечките добри односи меѓу Светата столица и Република Албанија и беа разгледани теми од заеднички интерес поврзани со односите меѓу црковните и граѓанските заедници, објавија медиумите, повикувајќи се на соопштение од Канцеларијата за печат на Светата столица.

Меѓу темите, во фокусот на разговорите, биле и клучните регионални прашања, вклучувајќи ја ситуацијата во земјите од Западен Балкан и патот на Албанија кон целосна интеграција во Европската Унија.

За време на средбите Рама бил придружуван од неговата сопруга Линда и нивниот син Захо.

Тие го посетиле и вечното почивалиште на папата Франциск во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

-Одадовме почит на гробот на папата Франциск, незаборавен пријател на Албанија и на нашето семејство, кој никогаш не заборави да се моли за нашиот народ и да ни ги испраќа своите пораки за пријателство. Посебен момент од посетата на Светата Столица, објави Рама на Фејсбук.

Посетата, која Рама ја почна вчера, е по покана на папата Лав 14, во чии рамки се и неколку други средби.