Македонското друштво „Илинден“-Тирана, чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, денеска одбележува 17 години од формирањето.
– На денешен ден 2009 година нашето друштво е регистрирано во Основниот суд во Тирана. Во изминатите 17 години посебно внимание им посвети на Македонците во областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врник. Како претседател на друштвото заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Република Македонија, како и со меѓународни организации, информираше Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Додава дека при сите реализирани средби разменети се мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, вели Ѓурѓај, сепак, должна благодарност искажува на сите државни институции во Република Албанија, и во матичната држава Република Македонија и низ светот, посочувајќи дека „остануваат посветени на борбата за правата на македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност“.
-Сакам да ги повикам сите државни институции, политички партии и невладиниот сектор во Република Албанија и во матичната држава Република Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, поддршка во континуитет за решавање на проблемите со кои се сочуваме и да спречиме асимилацијата од Бугарија. Ги повикувам институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство. Посебно благодарност сакам да упатам до сите што го помогнале друштвото во овие 17 години, посочува Ѓурѓај.
Македонско друштво „Илинден“-Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при унијата. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учествува на сите конгреси и поднесува резолуции, што придонесува да биде рамноправен член и силен глас на македонското национално малцинство во ФУЕН.
-Оваа година, првпат во Република Албанија, нашето друштво ќе биде организатор и домаќин на семинарот на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) активност што се одржува секоја година во различен регион со словенско малцинство во Европа. Тоа за нас претставува голема чест и секако признание за активноста на и историски чин за Македонците во Република Албанија, оценува Ѓурѓај.

Од особено значење за работата и информирањето за активностите на друштвото, според Ѓрѓај, е објавувањето на весникот „Илинден“ кој покрај печатеното има и електронско издание, чиј прв двоброј излезе од печат во Март 2011 година во Тирана, и единствен весник на Македонците во Република Албанија, што излегува во печатна и електронска верзија.
Македонскиот весник „Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми со ISSN 2522-6282. Македонски весник “Илинден” е дел од три агрегатори на вести time.mk, grid.mk , daily.mk и vesti.mk. Македонски весник “Илинден” е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија.
-Се гордеам со работата и постигнувањата на друштвото, посакувам да му се множат годините а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата. Сакам да порачам дека Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави, порачува Ѓурѓај по повод 17- годишнината од основањето на МД „Илинден“- Тирана.
Фото: Архива




