САД поставија рок до јуни за Украина и Русија да постигнат договор за завршување на речиси четиригодишната војна, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој им рече на новинарите дека очекува притисок од администрацијата на Доналд Трамп доколку не се исполни рокот до јуни.

„Американците предлагаат да се заврши војната до почетокот на ова лето и веројатно ќе извршат притисок врз страните точно според овој распоред“, рече вчера Зеленски, но изјавата беше под ембарго до утрово.

„Тие велат дека сакаат да завршат сè до јуни. И ќе сторат сè за да се заврши војната. Тие сакаат јасен распоред на сите настани“, додаде тој.

Тој рече дека САД предложиле следната рунда трилатерални разговори да се одржи следната недела во нивната земја, веројатно во Мајами.

„Го потврдивме нашето учество“, рече Зеленски.

Претходно денеска медиумите објавија, повикувајќи се на претставници кои зборуваа под услов да останат анонимни поради чувствителноста на прашањето, дека американските и украинските преговарачи разговарале за амбициозна цел Москва и Киев да постигнат мировен договор до март, иако тој рок веројатно нема да биде исполнет поради несогласувања околу клучното прашање – територијата.

Според рамката што ја дискутираат американските и украинските преговарачи, секој евентуален договор ќе биде ставен на референдум од страна на Украинците, заедно со парламентарните избори.

Русија врши притисок врз Украина да се повлече од Донбас, каде што борбите продолжуваат, но Киев одби.

фото: архива