Прашањето за минималната плата е чувствително и токму затоа не се носи решение под притисоци или пак краткорочни политички решенија, изјави вечерва министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Дурмиши во гостување на ТВ Телма посочи дека се чекаат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и оти во март ќе има законско нивелирање на платите од 1500 до 2000 денари.

Наведе дека Владата не ги прифатила укажувањата од меѓународните институции за зголемување на даноците и на старосната граница за пензионирање со цел, како што рече, „да се излезе во пресрет на граѓаните иако наследиле празен буџет“.

Според Дурмиши, синдикатите претходно велеле дека со актуелното законско решение „засекогаш ќе бидат заштитени правата на работниците“ но оти „сега секојдневно се манипуира со јавноста“.

Повтори дека Владата ќе поддржи договор меѓу работодавачите и синдикатите за повисока плата, а во однос на барањето државата да ги покрие придонесите при раст на платите посочи дека приватниот сектор добил поддршка во изминатиот период.

– За приватниот сектор сме направиле многу досега и ќе продолжиме да го правиме тоа, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Оперативниот план, поддршката на мали и средни претпријатија, на конкуренцијата, кредитната линија од 250 милиони евра,… Кога ќе се земат сите овие поддршки можат да вработат и повеќе луѓе и да плаќаат поголеми плати на вработените. За минималната плата има законска рамка, синдикатите и работодавачите ако се договорат ние ќе поддржиме. Но, не и овој дел затоа што од почетокот на владеењето сме направиле поддршка, рече Дурмиши.

Тој посочи дека со вработените во јавниот сектор е заокружен дијалогот, потсетувајќи дека вчера Владата постигна договор со дел од репрезентативните синдикатите за раст на платите на 11 000 административци, откако претходно тоа се случило со платите во здравството, образованието, одбраната и полицијата.

-Тоа покажува дека дијалогот може да функционира кога има подготвеност од двете страни, рече Дурмиши.

Дурмиши најави дека на дневен ред на следната седница на Економско-социјалниот совет ќе биде ставена за дискусија најавената нова методологија за пресметка на потрошувачката кошничка по што ќе се врши пресметка според неа. Методологијата е подготвена и дадена на разгледување кај членките на ЕСС.

– Не сме против синдикалната минимална кошничка, но таму се пресметуваат овошје и зеленчук што не се консумираат во одреден временски период, како и кирија а според регистрацијата на ДЗС, 90 проценти од граѓаните живеат во сопствен дом. Исто така, цените се земаат од два маркета, не од 10 како што правиме ние. Ќе биде реално пресметана и достапна потрошувачка кошничка за целата јавност, рече министерот Дурмиши.