Турнејата на Македонската филхармонија која траеше две недели (26 декември – 9 јануари) во седум градови во Кина ни го отвори прозорецот кон Исток и можностите за нови соработки.
Нашите музичари со својата максимална професионалност покажаа дека се рамо до рамо со големите светски оркестри. На секој концерт беа поздравени со аплаузи од кинеската публика, која бараше и да се фотографира со нив, рече директорот на Филхармонијата Виктор Илиески на прес-конференција на која ги сподели впечатоците од првата азиска турнеја на симфонсикиот оркестар.
Турнејата била голем организациски потфат зашто распоредот со настапи бил набиен и патувале од град до град со авиони и возови дури и по илјада километри за концертите закажани едноподруго. Покрај растојанијата меѓу комнцертните сали, се соочиле и со голема температурна разлика, од минус 30 степени на првиот концерт во северна Кина, до 20 степени на последниот настап во град во близина на Хонг Конг.
На дисциплината и точноста се должи и новата покана. Турнејата им ја организираше корпоративната агенција „Полигруп“ која на територијата на Кина организациски покрива 60 концертни сали. Нивните претставници биле презадоволни и, како што рече Илиески, имаат отворена покана за нова кинеска турнеја.
-Направивме многу во претставувањето не само на нашата институција, туку и на македонската култура, а со нашите филхармоничари можеме да се гордееме зашто ја одушевија публиката во Кина, рече Илиески, додавајќи дека кинеските домаќини биле толку гостопримливи и задоволни од настапите што во чест на македонските музичари организирале прослава на европска Нова година, како и делење на бадниково лепче со паричка.
Концерт-мајсторот Владимир Костов на прес-конференцијата рече дека турнејата била најголема што досега ја имале и за нив била голем тест и огромно искуство од кондициски и од професионален аспект, не само од уметнички. Одушевен е од едуцираноста на публиката која не ја познава доволно европската музичка традиција, но најмногу реагирала на Штраусовите „Убавиот син Дунав“ и на „Радецки марш“, веројатно затоа што и таму се следи новогодишниот виенски концерт. Рече дека градовите во кои настапиле имаат прекрасни концертни сали, но немаат оркестри, ниту музички училишта и академии и музичарите се школуваат приватно.
Музичкиот проект беше насловен „7 концерти во 7 градови во Кина“. Македонските музичари настапија во концертните сали: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан. Турнејата ја предводеше диригентот Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години е често гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти настапија кинескиот пијанист Хају Жанг и виртуозите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел.
Според директорот Илиески, оваа голема турнеја е континуитет на претходните гостувања на камерниот оркестар на Филхармонијата во Казахстан и во Шпанија.
Филхармоничарите сега се на одмор, а вториот дел од концертната сезона 2018/2019 ќе го почнат на 24 јануари со концерт на кој солист на труба ќе биде Лусјен Ренодин-Вари, под диригентство на Петер Феранец од Словачка. Покрај од меѓународната соработка, од Филхармонија се задоволни и од домашната публика затоа што, како што соопшти директорот, продажбата на билети е зголемена четири пати во однос на 2016 година.