Високата претставничка на Европска Унија за надворешна политика Каја Калас денеска изјави дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност.

-Сите се потписници на Повелбата на Обединетите нации. Принципите се таму. Но, што се случува ако некој ги прекрши тие принципи? Одговорноста очигледно не функционира – наведе Калас на панелот „Пресвртна точка: Меѓународниот поредок помеѓу реформата и уништувањето“ на Минхенската безбедносна конференција.

Таа оцени дека и Советот за безбедност не функционира како што треба, а ОН не го одразуваат светот каков што е во моментов.

-Повеќето земји во светот сакаат поредок базиран на правила, тие сакаат правила што ќе регулираат како комуницираме едни со други и како меѓусебно дејствуваме – истакна Калас.

Таа посочи дека големите меѓународни конфликти низ историјата го поттикнале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза претставува можност за светот да се развива.

Коментирајќи ја процената на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека стариот светски поредок повеќе не постои, таа истакна: „Што е спротивното на светскиот поредок базиран на правила? Тоа се тиранијата и војните. И тоа е очигледно каде сме во моментов“. (МИА)