Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска соопшти дека нема никаква поврзаност со која било фирма за марихуана во државава.
– Повторно тоа е обид за дефокус и да се избегне одговорот на вистинското прашање – Како пет тони марихуана, четири-пет шлепери поминале преку граница и завршиле во Србија? Со кој е таа фирма што е наведена во документ на српското обвинителство и дали е поврзана со некои луѓе од сегашната власт? Како поминала на полициска контрола и на царинска контрола на граница? Се друго е дефокус, рече Филипче на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање за поврзаноста со фирмата за марихуана.
Според него, во изминатиот период поединци од партијата биле изложени на лажна кампања и на притисоци и додаде оти го поврзувале со многу работи со кои тој немал допир.
Претседателот на СДСМ обвини дека сегашната власт контролира голема мрежа на медиуми, не само сега туку, како што рече, во изминатите повеќе од 10 години.
– Над 40 отсто од медиумите се во таа мрежа, телевизии, портали итн. и тоа се медиуми кои создаваат антиевропски наратив, кои подгреваат национализам и не не водат никаде, рече Филипче, кој ги отфрли обвинувањата за случаите со Жан Митрев, Дубаи, со модуларната болница во Тетово… Додаде дека не е изненаден од „системот на медиумската хајка и лажни вести, лажна кампања“.
За обвинувањата за модуларната болница во Тетово и за сведочењето на поранешната обвинителка од СЈО Лејла Кадриу, Филипче рече дека таа поранешна обвинителка била суспендирана пред да се случи пожарот во Тетовската болница и пред Ковидот.
– Дали би го земале за релевантно ако помеѓу сите работи што ги изнесе на таа емисија, која гледаме како е поставена и која е целта, кажа дека Груевски бил во право кога викал дека снимките се сечени и лепени. Тоа е концептот – лажни обвинувања, лажна црна кампања, рече Филипче.
За Комисијата која се подготвува за сите несреќи, Филипче рече се уште дискутираат во рамки на пратеничката група кој ќе биде во неа и дека се уште немаат имиња, ама ќе ги поднесат. Упати прашање зошто претседателот на Собранието Гаши не дава формално барање да се дадат членови за комисијата и дали има намера да закаже средба на Комисијата.
Фото: Принтскрин
Видео: СДСМ




