Во финалето на турнирот во хокеј на мраз на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано, очекувано ќе играат Канада и САД.
Најпрво во полуфиналните пресметки, Канада ја победи Финска со 3-2 (0-1, 1-1, 2-0), додека САД беа многу поубедливи против Словачка, триумфирајќи со 6-2 (2-0, 3-0, 1-2).
САД досега ја освоија олимписката титула двапати, а имаат и осум сребрени медали. Последниот медал го освоија во 2010 година во Ванкувер, кога загубија во финалето од домаќинот Канада по продолжение.
Од своја страна, Канада во неделното финале ќе се обиде да ја освои својата 10 олимписка титула.
Финалето меѓу Канаѓаните и Американците ќе се игра в недела од 14:10 часот и тоа ќе биде последниот настан на овие Зимски олимписки игри.
Финска и Словачка ќе се соочат во натпреварот за бронзениот медал в сабота, со почеток во 20:40 часот.