Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај… секогаш кога СДСМ не е на власт. И, како опозиција, СДСМ секогаш наоѓа пари од продажба на „мерцедесот“ за комбиња за брза помош, на пари од авион за подигање на плати и други популистички мерки кои се „успешни“ само во партиските соопштенија од СДСМ.

Овој популизам не минува ни кај добар дел од нивните членови кои знаат дека СДСМ едно зборува како опозиција, друго прави како власт. Наместо комбињата за брза помош од продажбата на „мерцедесот“, со него се возеше Зоран Заев, ги возеа странците што доаѓаа да не советуваат да го смениме името и веднаш потоа го добиваме клучот од вратата за влез во ЕУ, за бесплатно здравство низ цела Европа итн.

И откако 7 години го извозеа народот со „мерцедесот“ и „шарените бомби“, сега пробуваат да не возат како опозиција со популизам и грижа за платите и работниците, оти додека беа на власт не им текнуваше да ги зголемуваат, ама сега им светна. Додуша им текна за зголемување од 78 отсто… ама функционерските, не на работниците за кои сега „жалат во секое соопштение“.

На Бихаќска открија нов „рудник“ за пари, сега не од „мерцедесот на Груевски“, туку од „авионот на Мицкоски“. Кој се уште верува во прикаските со кои секој ден од Бихаќска се обидуваат да го мафтосуваат народот, еве им ја и денешната од збор до збор, излезена од „загрижените“ за работниците и народот. Ако истава прикаска сте ја прочитале и вчера и завчера… проштевајте. Ова подолу е тазе денешно соопштение од СДСМ:

Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај а власта сѐ луксузира врз грбот на народот. Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари, стои во соопштението на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби.

Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари.

Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки..

Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб.

И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра.

Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат.

Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници.

Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати.

Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне.

Доста е луксуз на грбот на народот.

Центар за комуникации на СДСМ