Кремљ денеска соопшти дека одлуката на западните земји да интервенираат во Украина го направи конфликтот многу поширока конфронтација.

Зборувајќи точно четири години откако десетици илјади руски војници влегоа во Украина по наредба на претседателот Владимир Путин, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека борбите продолжуваат, но дека Москва останува отворена за постигнување на своите цели преку политички и дипломатски пат.

„По директната интервенција на западноевропските земји и САД во овој конфликт, специјалната воена операција де факто се претвори во многу поширока конфронтација меѓу Русија и западните земји, кои имаа и сè уште имаат за цел уништување на нашата држава“, рече портпаролот на Кремљ.

На прашањето дали Москва верува дека конфликтот може да се реши преку преговори, Песков одговори: „Ние продолжуваме со нашите напори за постигнување мир, а нашата позиција е многу јасна и постојана. Сега сè зависи од постапките на режимот во Киев“.

Песков додаде дека не може да каже кога и каде ќе се одржи следната рунда преговори меѓу Москва и Киев, бидејќи договорот за тоа сè уште не е финализиран. „Искрено се надеваме дека таа работа ќе продолжи“, заклучи тој.

Фото: архива