Денес можеме да се пофалиме со конкретни бројки, согласно кварталните извештаи за 2025 година се бележи раст во откупот и продажбата на земјоделското производство“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Наткаст“.
„Согласно извештаите за примарните земјоделски производи и преработките, ќе видите дека сме извозно ориентирани и бележиме зголемување токму во овој сегмент“, посочи министерот.
Тој нагласи дека државата повеќе не е увозно зависна од свежа храна.
„Сакам да ја споменам и кампањата „Македонско најдобро“, која ќе продолжи и во наредниот период, а со која ја подигаме свеста кај домашните потрошувачи за значењето на купување домашни производи“, додаде министерот Трипуновски.
Во делот на тутунопроизводството, министерот потенцираше дека е забележан сериозен раст на производството и рекордно висока откупна цена.
„Оваа година просечната откупна цена изнесува 419 денари за килограм, додека лани изнесуваше 400 денари. За разлика од претходниот период, кога цената се движеше меѓу 160, 214 и 250 денари, денешната цена е речиси двојно повисока. Дополнително, интервентно ги зголемивме субвенциите за прва категорија тутун од 80 на 100 денари со цел да го стабилизираме секторот“, истакна министерот.
Како резултат на овие мерки, годинава се откупени 26 милиони килограми тутун, за разлика од 2024 година, кога биле откупени околу 15 милиони килограми.




