Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата што лутаат низ градот и им нанесуваат штета и на земјоделските поседи и во околните села.
– Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паленечките села тој да се иззема од одговорност, која ја има во овој случај, бидејќи во согласност со Законот за јавната чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини, односно чување и напасување крупен добиток (вклучително и говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната влада – се вели во реакцијата на АХВ.
Говедата, додаваат од таму, ниту се размножија во толку голем број за една и пол година ниту може инстантно да се соберат во услови кога со Агенцијата не соработува Општината, која е еднакво одговорна за решавање на проблемот.
– Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски, конечно, да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од таму потенцираат дека АХВ и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на општина Крива Паланка.




