Ако се прашувавте каде е Димитар Ковачевски Таче, ако не спиевте ноќи мислејќи го и бдеевте измачувани бессони и окупирани со судбата на првиот октроиран претседател на СДС наместен од Заев (Венко е „втора мајка“, Јон Шмрчко веројатно „трета“), ако мислевте дека и тој што го прифати Францускиот предлог со „две раце“ можеби избегал некаде (по Дубаи во Кенија на сафари ко некој) под тежината на враќањето на Груби и неговиот следен исказ, не се грижете, „секирајте“ уште помалку, пишува Курир.
Таче да ти бил тука, во Македонија, во Собрание. И тој „се прави Заев“ (се прави паметен, де), та натопорил очила за да изгледа посериозен,
Така, по над година ипол „во илегала“, Таче ко наставник од комунизмот свика од собраниската говорница, длабоко загрижен за стандардот на граѓаните. Можеби и затоа толку го немаше, затоа што грижата за народот македонски го тиштела? Или, поверојатно, резилот од дејствувањето во периодот дури беше првенец на Илинденска?
Можеби, пак, Таче е јави за да го има, за да не го заборавиме пред Груби да каже нешто за него?
Како и да е и што и да е, денеска Таче вресна: „Дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е кадровски и технички екипирана за ефикасно извршување на оваа своја законска функција?
Дали има вработени кои поседуваат искуство и знаење за спроведување на законот, односно дали во Комисијата за заштита на конкуренцијата се ангажирани соодветни кадри организирани согласно принципите на стручност, ефикасност и ефективност во работењето, кои ќе можат да се носат со идентификување на трговски практики кои ги прават големите ланци на супермаркети, а кои за тоа вработуваат обучен кадар чија основна работа е зголемување на продажбата и зголемување на профитот во интерес на нивниот работодавец?“
Инаку, овој „спорен“ Закон е дело на актуелната Влада, така што реакцијата на Таче по 20 месеци зимски сон може да се сфати и како комплимент за владата на Мицкоски. Да не постоеше законот, Таче ќе немаше ни на што да реагира. Благодарение на овој закон го видовме.
Останува дилемата, што ли некогашниот прв вицепремиер има да каже за својот шеф, премиерот Таче?
Инаку, за жал на Таче, токму за овој Закон вчера во МИА со Лидија Велковска и во интервју со Љупчо Цветановски во Алфа „на долго и на широко“ зборуваше заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, објаснувајќи ги придобивките од него, казните и целиот процес.
„Законот за забрана на нефер трговските практики е револуционерен, првпат се спроведува и на долг рок ќе даде одредено стабилизирање на цените. Тоа е прв закон што го регулира односот помеѓу доставувачите и трговците. И преку регулирање на тие нефер практики, особено во врска со рабатот што му го зеле, 35-40 проценти уште од самиот влез на стоката, особено во маркетите, му барале за разни маркетинг, други измислени трошоци, со цел да остварат крајни поголеми профити и на крајот сето тоа се вкалкулирало и го плаќал од својот џеб граѓанинот во вкалкулираната цена на тие производи.
Сега рабатот со овој закон е ограничен на 10 проценти, во кој се вметнати одредени трошоци за редење, складирање стока, ангажирање дополнителни лица и во текот на целата година не смее да излезат од таа рамка на 10 проценти. Законот го контролира Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) и требаше да помине одреден период за да се сублимираат работите за склучувањето на договорите и почитувањето на договорите помеѓу доставувачите и самите трговци. Веќе имаме одредени резултати од работењето на КЗК. Се покажа дека во овој период треба да се направат одредени промени и од техничка и од суштинска природа, меѓутоа најголеми промени треба да има во казнената политика. Да нагласам, досега се отворени над 30 предмети токму во однос на спроведувањето на Законот за забрана на нефер трговските практики.
Изречени се по решение за глоба од речиси 150.000 евра од страна на КЗК до одредените прекршители. Максималната казна беше предвидена за речиси 20.000 евра во Законот за нефер трговските практики. Сметаме дека е многу ниска. Наредниот период повеќекратно ќе биде зголемена. И премиерот најави зголемување за овие работи. Имавме работен состанок и со КЗК. Ќе бидат предвидени зголемени глоби и за најголемите играчи, маркети, за загрозувањето на фер трговијата и граѓаните – до 400.000 евра. Меѓутоа, ќе биде предвидена глоба и казна, која досега не беше предвидена во законот за самите доставувачи, кои ја прифаќаат, пак, од друга страна, таквата нефер игра на трговците. Да не заборавиме. Основна цел на законот е заштита на производителите и доставувачите, а преку нив и на купувачите, односно граѓаните индиректно.
Но, заштита и на домашните компании и производители да не бидат во подредена улога на одредените „принципали“ (како ги викаат) или големите играчи на пазарот, особено на Балканот овде, да не бидат во подредена улога во однос на конкурентност, цени и видливост од страна на самите купувачи. Во тоа треба и тие да ни помогнат. И, еве, јас да ги охрабрам, секаде каде што има вакви нефер трговски игри, изигрување на законот, слободно да пријавуваат. Може пријавувањето да биде директно, анонимно, по допрен глас или по сопствено видување од КЗК за да може во рок од неколку дена да излезат и да ја утврдат таа нефер трговија, а нефер играчите да бидат казнети. Измените на законот очекуваме на почетокот од оваа година да бидат донесени и да бидат во функција уште во текот на оваа 2026 година“, пренесе Ристески.
Штета што таче не гледа Алфа и не чита МИА, можеби ќе сфатеше нешто од сето кажано. Ама пак така, немаше да го видиме по година и половина илегала. Значи, добро е што не гледа и не чита, туку слуша само што ќе му кажат Шмрчко и Богданка. За да одвреме-навреме, сега пратеникот на СДС го видат граѓаните. Да не го заборави и Артан?
Извор: Курир




