Турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер изјави дека турските вооружени сили се подготвени навремено да ја неутрализираат секоја закана насочена кон Турција уште на нејзиниот извор, оценувајќи притоа дека ризикот од директен воен судир меѓу Турција и Израел во моментот е „многу мал“, јави информативниот портал „Туркије тудеј“.
Во интервју за весникот „Поста“, посветено на проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, Ѓулер истакна дека судирот меѓу САД, Израел и Иран не треба да се гледа како ограничен само на овие земји.
– Воздушните и ракетните закани, безбедноста на поморските трговски патишта, сигурното снабдување со енергија, киберзаканите и прокси-структурите создаваат повеќедимензионални ризици кои ја зголемуваат нестабилноста во безбедносната равенка во регион што се протега од Блискиот Исток до Источниот Медитеран – изјави Ѓулер.
Тој нагласи дека Турција внимателно го следи развојот на настаните и приоритет дава на спречувањето на ширење на конфликтот.
Ѓулер предупреди дека дестабилизацијата на регионот може да доведе до засилена нелегална миграција и до јакнење на меѓународните мрежи за шверц.
– Исто така знаеме дека терористичките организации се обидуваат да ја искористат секоја празнина во власта и внатрешните немири што би можеле да се појават во регионот. Тоа јасно го видовме во Ирак и Сирија“ – рече турскиот министер.
Тој додаде дека основниот принцип на турските вооружени сили е „подготвеност и одвраќање“, со цел навремено неутрализирање на секоја закана насочена против Турција.
На прашањето дали постои ризик од воена конфронтација меѓу Турција и Израел, Ѓулер изјави дека таква можност постои, но во моментов ја оценува како малку веројатна.
– Ја изразивме нашата хуманитарна и морална реакција на злосторствата што се случуваат пред очите на целиот свет во Газа – рече тој.
Според него, Турција не ги одобрува нападите на Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху врз соседните држави, оценувајќи дека тие ќе му наштетат на мирот и стабилноста во регионот.
Ѓулер призна дека растечките тензии на Блискиот Исток и во Медитеранот значително се одразиле врз односите меѓу Турција и Израел во последните години, наведувајќи како примери несогласувања околу иднината на Сирија, енергетските ресурси во Источниот Медитеран, поморската јурисдикција и регионалните сојузи.
Тој додаде дека, за да се избегнат несакани инциденти, постојат канали за контакт и координација меѓу надлежните институции на двете земји со цел да се намали ризикот од недоразбирања и случаен конфликт.




