Светските берзи бележат остар пад, додека цената на нафтата надмина 100 долари за барел, поради стравувања дека ескалацијата на војната меѓу САД и Израел со Иран може подолгорочно да го наруши транспортот на енергенси низ Ормускиот Теснец.
Иран вчера го именуваше Моџтаба Хамнеи за наследник на неговиот татко Али Хамнеи на функцијата врховен лидер, што според аналитичарите покажува дека тврдокорната струја во земјата останува на власт и по една недела од почетокот на конфликтот.
Во текот на викендот САД и Израел извршија нови воздушни напади врз цели во Иран, меѓу кои и складишта за нафта.
Сериозно нарушување на енергетските испораки од регионот би можело да доведе до пораст на цените за потрошувачите и компаниите низ светот, посочува Би-Би-Си.
Во утринското тргување во Азија, цената на нафтата „Брент“ скокна за речиси 24 проценти на 114,74 долари за барел, додека американската нафта „лајт свит“ на берзата „Најмекс“ порасна за повеќе од 26 проценти, на 114,78 долари.
Берзите во азиско-пацифичкиот регион исто така забележаа остри падови. Јапонскиот индекс Никеи 225 загуби повеќе од седум проценти, индексот Ханг Сенг во Хонгконг падна за над три проценти, а австралискиот ASX 200 за повеќе од четири проценти.
Јужнокорејскиот индекс Коспи, кој е особено погоден од почетокот на конфликтот, се намали за повеќе од осум проценти, по што тргувањето беше прекинато на 20 минути.
Таканаречениот „прекинувач“ (circuit breaker) е механизам што се активира за да се спречи панично распродавање на акции. Тој беше активиран и минатата среда, кога Коспи падна за 12 проценти.
Околу една петтина од светското снабдување со нафта вообичаено се транспортира преку Ормускиот Теснец. Но, сообраќајот низ овој тесен морски премин речиси целосно запре по почетокот на војната пред една недела.
Многу аналитичари претходно прогнозираа дека цената на нафтата оваа недела ќе достигне 100 долари за барел, но скокот беше многу побрз од очекуваното.
Во раното азиско тргување цената порасна за 10 проценти за околу една минута, а во следните 15 минути скокна за дополнителни 10 проценти.
Минатата недела финансиските пазари беа релативно мирни и покрај ризикот милиони барели сурова нафта и течен природен гас да останат блокирани во Персискиот Залив поради проблеми со преминот низ Ормускиот Теснец.
Но, ескалацијата во текот на викендот, заедно со извештаите за уништена енергетска инфраструктура во Иран и во земјите од Заливот, предизвика нагло зголемување на загриженоста на пазарите.
Некои аналитичари предупредуваат дека доколку блокадата на Теснецот трае до крајот на март, цената на нафтата може да достигне рекордни нивоа над 150 долари за барел.
Аднан Мазареи од Институтот „Питерсон“ за меѓународна економија изјави дека скокот на цените бил очекуван, имајќи предвид дека производството е прекинато во некои земји од Заливот и дека има знаци за долготраен конфликт.
– Луѓето сфаќаат дека ова нема брзо да заврши – рече Мазареи, додавајќи дека ветувањата за гаранции и цели од страна на САД „стануваат сè понереални“.
Растот на цената на нафтата може да доведе и до поскапување на дериватите, како авионското гориво, но и на клучни суровини за производство на ѓубрива.
Физичките испораки на енергенси од Персискиот Залив најчесто се наменети за азиските пазари.
Сепак, веќе има знаци дека азиските купувачи плаќаат повисоки цени за американски природен гас, при што некои танкери кои првично се движеле кон Европа се свртеле назад во средината на Атлантикот.
Американскиот претседател Доналд Трамп реагираше на растот на цените изјавувајќи дека краткорочниот пораст е „мала цена што треба да се плати“ за елиминирање на иранската нуклеарна закана.
Американскиот секретар за енергетика изјави за американски медиуми дека Израел, а не САД, ја напаѓа иранската енергетска инфраструктура, во услови на загриженост поради растот на цените на горивата на домашниот пазар.
фото: Архива




