Владата наместо да донесе мерки со кои ќе ги заштити граѓаните од ценовните шокови од поскапувањето на горивата, дополнително сака да профитира врз грбот на граѓаните, вели  во интервјуто за неделникот Фокус, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче. Тој посочува дека секогаш кога расте цената на нафтата, поскапува храната и сè друго, како продукти и услуги, а премиерот Мицкоски гледа само начин како да не им помогне на граѓаните, се вели во соопштението на СДСМ, кое МИА го објавува интегрално.

„Дополнително, владата како да сака да профитира врз грбот на граѓаните. Регулаторната комисија за енергетика, во екот на нафтената криза, го смени начинот на одредување на цените на горивата, односно, наместо секој ден, во зависност од движењето на цената на нафтата на светските берзи, да се одредува и цената на горивата на домашниот пазар, сега со измените тоа се прави еднаш неделно, на 7 дена“, рече Филипче.

Тој додаде дека на овој начин, со новиот правилник и покрај тоа што цената на нафтата на светските берзи на почетокот на неделава се намали, треба да се чека цела недела за РКЕ да направи корекција..

„Кога цената на нафтата на светските берзи бележи пад, како што се случи на почетокот на неделава, кога се движеше од 84 до 86 долари за барел, што е поевтино во споредба со цената од 96 евра минатата недела, да важеше стариот правилник, РКЕ ќе ја намалеше цената на горивата и граѓаните ќе купуваа поевтин дизел и бензин. Сега, поради ваквите штетни одлуки, граѓаните цела недела плаќаат поскапи деривати“, рече Филипче.

По основ на оваа штетна и избрзана одлука како што кажа Филипче, ќе се соберат  околу три милиони евра повеќе за само седум дена.

„Кој има интерес од ова поскапување? Каде ќе завршат овие пари? Ова се пари на граѓаните, кои и сега едвај го поминуваат месецот. Која влада, наместо мерки за помош на граѓаните, носи контрамерки за да им одмогне? Ете тоа ВМРО – од каде што може да зграби повеќе. Граѓаните не смеат да трпат заради погрешните и непромислени одлуки на власта“, рече Филипче.

Во интервјуто тој посочи дека во името на СДСМ предложи неколку мерки за справување со ценовните шокови.

„Прво, намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто при промет на сите енергенси: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан. Намалување на акцизата за 4 денари. На овој начин директно ќе се намали цената на еден литар гориво. И во однос на цените на храната, предлагаме сведување на нула проценти ДДВ на основните прехранбени производи, за да се амортизира евентуален скок на цените на основните прехранбени производи. Зошто владата ги одбива?“, вели Филипче.

Филипче: Кога ќе пресушат пари за тендерите, тогаш ќе дојдат изборите

Изборите ќе се случат во оној момент кога нема да има повеќе пари во касата за нови тендери за Мицкоски и нему блиските, кога ќе престане можноста за дополнителни задолжувања, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервју за неделникот Фокус. Филипче укажа дека и во моментов буџетската дупка е продлабочена.

„Веќе сега во буџетот недостигаат две милијарди евра. Кога ќе пресушат сите ресурси – еве ни избори. Дали ќе бидат наесен или на пролет, сè зависи од брзината на распишување тендери и од брзината на добивање нови кредити со високи камати, кои ќе ги враќаат нашите внуци“, вели Филипче.

Во интервјуто, тој додаде дека политиката на власта е очигледна – изолација, избори, мигранти за пари. Филипче посочи дека државата веќе се соочува со процес на политичка и меѓународна изолација, што според него е резултат на промашените и неоdговорни политики на Владата.

„Како што рековме изолација, избори, па мигранти за пари. Изолацијата е во тек, се спроведува. За американски визи сме ставени во група со земји од третиот свет, а Европската Унија директно вели нема понатамошно продолжување на преговорите додека не се донесат уставните измени. Од друга страна, Мицкоски вели дека нема разговори за тоа додека тој е на чело на влада “, рече Филипче.

Притоа, Филипче предупреди и намерно создаваните конфликти со соседните држави од страна на владата на ВМРО, што дополнително ја турка државата кон изолација, но и кон нов изборен циклус со цел продолжување на владеењето на актуелната власт.

„Намерно создавање конфликти со Грција и Бугарија. Вицепремиерот познат по своето директно учество во ширењето на руското влијание во Македонија, вели влегуваме заедно со Вучиќ во ЕУ, а тие објавија дека Србија застанала со евроинтеграциите поради донесување спорни закони во правосудството и не дека е стопирана, туку дека отишла наназад. Што ни следи потоа? Избори! За да се продолжи владеењето на овој режим уште четири години. Уште четири години тендери и луксуз. Да се обезбедат и правнуците. И, секако, тука е потребно да се обезбедат пари за тој луксуз, а тука доаѓа забранетата тема – мигранти, односно „економски работници“, нагласи Филипче.

Фото: Архива