Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Украинците сакаат да ја продолжат војната, дека Европа ги поддржува во тоа, како и дека мировните преговори можеа да почнат одамна доколку европските земји не застанаа зад Украина.
Орбан рече дека најголемата пречка за мир е тоа што Украина сака да ја продолжи војната, пренесува „Маѓар немзет“.
– Сите знаеме дека постојат пречки за мир. Украинците сакаат да ја продолжат војната. Тие имаат право на тоа, иако ја загрозуваат цела Европа, но сепак тоа е нивна земја, нивна борба за слобода – рече Орбан.
Тој оцени дека конфликтот сè уште трае затоа што европските земји ја поддржуваат Украина.
– Уште попроблематично е што Европејците ги поддржуваат во ова бидејќи доколку Европејците не застанаа зад Украинците, тие немаше да може да ја продолжат војната. Преговорите ќе беа завршени одамна. И ќе имаше примирје и мир – нагласи Орбан.
Тој заклучи дека Европа е таа што го одржува конфликтот жив и оти „доколку се вразумеа, ќе завладееше мир“.
Фото: Орбан на Фејсбук




