Албанскиот парламент, со 79 гласови „за“ од владејачкото мнозинство и еден воздржан, на пленарна седница ја усвои Резолуцијата со која Иран се прогласува за „спонзор на тероризмот“ со што, како што се оценува, земјата се усогласува со стратешките сојузници.
Документот, како што претходно изјави премиерот Еди Рама, предвидува дека по одобрувањето во Парламентот, албанската Влада ќе преземе итни чекори за да ги прогласи Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и движењето Хезболах за терористички организации.
Координаторот на парламентарната група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, ја презентираше нацрт-резолуцијата предложена од социјалистите, а го коментираше и бојкотот на седницата од страна на опозицијата, велејќи дека жали за тоа.
-Нашата земја сама по себе беше место на директни напади. Тие имаа за цел да ги парализираат нашите јавни служби и да ја поткопаат довербата на граѓаните во државата. Не смееме да ја изгубиме будноста. Пред неколку дена, парламентот беше нова цел на кибер напад. Ова се непријателски акти насочени кон нарушување на нормалното функционирање. Со резолуцијата, имаме за цел јасно да ја осудиме секоја форма на државна поддршка на тероризмот. Да ја осудиме употребата на хибридни средства против институциите на суверените држави. Жално е што трите опозициски парламентарни групи беа отсутни, тие не дојдоа да ја поддржат оваа резолуција, која е итна и неопходна, рече меѓу другото Бала.
На седницата од опозицијата присуствуваше само пратеникот Ералд Капри од партијата „Можност“ кој остро ја критикуваше владата за нејзините одлуки и за усвојувањето на резолуции кои, според него, имаат за цел „да се спаси политичката судбина на Еди Рама“.
Тој ги посочи, како што рече,противречностите во надворешната политика и домашната ситуација, споменувајќи ги „ограбувањето на имотите на граѓаните, растот на кинескиот бизнис во Албанија и насилството врз граѓаните“, нагласувајќи дека Албанија се оддалечува од стандардите на една западна земја.
На седницата, на која единствена точка на дневен ред беше Резолуцијата, не присуствуваа пратениците од Демократската, Републиканската и Партијата на слободата, што и најавија наведувајќи дека „нема да учествуваат на седницата, која е свикана поради личната агенда на премиерот Еди Рама“.
Албанија во почетокот на септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран, и ги протера иранските дипломати, откако го обвини Иран дека во текот на летото, истата година, извршил масовен кибер напад врз државни институции на земјата.
Фото: принтскрин




