Новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески влегува во исклучително сложена и чувствителна ситуација, оценува безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчески, кој во емисијата „За или против“ предупреди дека станува збор за „змиско гнездо“.
„Ова е змииско гнездо во кое влегува новиот јавен обвинител“, истакна Ѓурчески, алудирајќи на сериозноста на состојбите и потенцијалните притисоци со кои ќе се соочи.
Според него, случаите како „Двојник“ не се само правни, туку и длабоко поврзани со структури на моќ, што дополнително ја усложнува работата на обвинителството.
Ѓурчески нагласи дека токму затоа е клучно истрагата да се води темелно и без компромиси, со јасен фокус на финансиските текови.
„Ако сакаме вистински да се расчисти случајот, мора да се следи трагата на парите“, посочи тој, додавајќи дека парите најчесто се најсигурниот доказ во вакви афери.
Тој предупреди дека без ваков пристап, постои ризик истрагата да остане на површно ниво.
„Без финансиска анализа, секоја истрага останува половична“, рече Ѓурчески, потенцирајќи дека обвинителството мора да покаже капацитет да ги отвори сите сомнителни линии.
Воедно, експертот укажа дека јавноста со право очекува конкретни резултати, а не само формални постапки.
„Граѓаните очекуваат одговори – кој, како и каде завршиле средствата“, нагласи тој.




