Директорка на Јавна Здравствена Установа Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство – Скопје, проф. Д-р Ирена Алексиоска Папестиев истакна дека во изминатата неполна деценија, Македонија постигна исклучителен напредок во унапредувањето на здравјето на новороденчињата и децата.

„Според последниот глобален извештај Levels and Trends in Child Mortality 2026, подготвен од WHO, UNICEF, UNFPA и партнерите, нашата држава е посочена како пример за успешно намалување на смртта на новородените и децата под 5 години. Според него неонаталната смртност е намалена за 87% – од 8,1 на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца, додека смртноста кај децата под 5 години е намалена за 75% – од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.

Овие резултати не се случајни. Тие се резултат на континуирана, координирана и посветена работа на сите релевантни институции и партнери – Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Клиниката за педијатрија, како и силната поддршка од меѓународните организации како СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА.

Заедничката визија, базирана на докази, инвестиции во знаење и човечки ресурси, како и постојаното подобрување на клиничката пракса, овозможија создавање на посилен и поефикасен здравствен систем.

Горди сме на постигнатото, но и свесни дека остануваат предизвици. Ќе продолжиме со уште поголема посветеност, со цел секое новороденче да има безбеден почеток, а секое дете – здрава иднина“, објави проф. Д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директорка на ЈЗУ УК ГАК.