Човечки леш во фаза на распаѓање е пронајден денеска околу 10:40 часот во село Зрновци, на локација позната како „Ѓошевски орев“, во близина на Зрновска Река, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР наведуваат дека веднаш по пријавата се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Основното јавно обвинителство Кочани соопштија дека јавен обвинител извршил увид на местото на настанот, при што е утврдено дека станува збор за тело на почината жена.
„До овој момент починатата не е идентификувана. Ќе биде наредена обдукција, а причините за смртта засега не се утврдени“, информираат од обвинителството.
Надлежните институции продолжуваат со истражни дејствија за утврдување на идентитетот на жената, како и околностите под кои настанала смртта.




