Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера оствари ненадејна посета на Обединетите Арапски Емирати, каде што се сретна со претседателот, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. Посетата, како што истакна доцна синоќа Вучиќ на својот Инстаграм профил, била исклучително важна за зајакнување на билатералните односи и заедничката работа за мир и стабилност во тешки меѓународни околности.

По кралот на Јордан и претседателот на Египет, Вучиќ е третиот светски лидер и прв европски лидер што ги посетува Емиратите од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток.

За време на средбата, Вучиќ изрази најостра осуда за нападите врз цели во ОАЕ и ја нагласи целосната солидарност на Србија со пријателскиот народ на Емиратите.

„Важно е јасно да се покаже поддршка за пријателите, но и одговорност во барањето пат кон мир и стабилност“, рече претседателот на Србија.
Вучиќ и шеикот бин Зајед разменија мислења за билатералните односи засновани на доверба, почит и конкретни резултати. Тој особено нагласи дека Србија сака да продолжи со развојот на сеопфатна соработка со ОАЕ, од инвестиции и енергија до нови технологии и развојни проекти, а воедно да го одржува политичкиот дијалог на највисоко ниво.